Владата донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати, која ќе важи до 4 мај, со цел ублажување на ценовните притисоци врз граѓаните и стопанството.
Со мерката останува во сила намалувањето на акцизата за дизел горивото за 4 денари по литар, како и намалувањето за безоловните бензини од 95 и 98 октани за 2 денари по литар. Овие интервенции директно влијаат врз намалување на малопродажните цени и ги амортизираат инфлаторните притисоци.
Дополнително, Владата ја измени и одлуката за ДДВ, при што повластената стапка од 10% ќе продолжи да важи за бензините, додека за останатите производи се враќа редовната стапка од 18%.
Според најавите, се очекува Регулаторна комисија за енергетика да донесе нова одлука со која цените на горивата ќе се намалат во просек за околу 1,5 денар по литар. Истовремено, останува во сила и договорот со нафтените компании за дополнително намалување од 3 денари за дизел и 2 денари за бензините.
Со ова, вкупниот ефект е значително намалување на трошоците за транспорт и олеснување на притисокот врз животниот стандард на граѓаните.
